• Со поддршка од: Фондација Отворено Општетство – Македонија
  • Временска рамка: јануари 2016 – декември 2016
  • Локации: Прилеп и Битола

Преку континуирана реализација на проектот (декември 2010 – декември 2015)  дефинирано е дека злоупотребата и прекршувањето на правата од здравствена заштита кај ромската популација во најголем дел е предизвикано од честите измени и дополнувања на законската регулатива, невоедначената пракса во спроведување на законските прописи, несоодветното и ненавремено информирање на Ромите за постапките при остварување на правата, сложените административни процедури со кои се наметнуваат дополнителни обврски за поднесување на документација и нееднаквиот третман од страна на здравствените работници во пристапот до здравствени услуги.

Притоа недостатокот на поддршка, финансиска несигурност и недоволно познавање на правните механизми за заштита придонесува за Ромите да се откажуваат од поднесување на барања за одговорност или институционална заштита од сторителите на повреда на правото, со што прекршувањата се прифаќаат како нормална појава а пристапот до здравствените услуги останува “проблематичен”.

Со цел да се надминат наведените пречки се превземаат активности за промоција на здравствените права и правна едукација во ромските заедници, се нуди бесплатна правна помош во постапките, се документираат и јавно актуелизираат прекршувањата, се поведуваат парници, како и се мониторира примената на законските механизми, при што здравствената состојба на ромската заедница се третира од правен аспект.

Конкретно на овој начин се зајакнуваат и охрабруваат Ромите да ги разберат процедурите, да го препознаат прекршувањето и да ги користат заштитните механизми, а застапувањето пред надлежните институции и здравствени установи, покрај поднесување на барања, жалби, ургенции и претставки, е насочено и кон идентификување на основи за поведување судски постапки со кои се бара одговорност од сторителите на повредите за надомест на штета за претрпена физичка или морална, психолошка штета или страдање предизвикано од лекување или од услуга во здравствениот систем.

Истовремено се креира позитивна пракса за останатите здруженија  (кои имаат исти или слични цели) во застапувањето, и се создава судска пракса во однос на донесување пресуди од страна на домашните судови за определување на медицинските грешки како основа за криминализација[1].

Паралелно се следат и идентификуваат системските пречки во постапките за остварување на правата и редоследно на истото се поведувени граѓански реакции пред донесувачите на одлуки.

ЦРРЗ “Баирска Светлина” – Битола како локален соработник е вклучен при реализација на активностите во ромската заедница во општина Битола.

Проектот се заснова на примена на законската регулатива во надминување на пречките со кои се соочуваат Ромите и притоа се бара правично спроведување и потврда на “правото на здравје за сите без дискриминација”.

Следните пристапи и активности се применуваат при работа:

  • Мониторинг на законски и административни измени и нивна промоција во ромските заедници преку подготовка и дистрибуција на информативни материјали, објави на веб страна и објави на социјални мрежи,
  • Асистенција на барањата на Ромите да ги остварат правата преку правни совети и упатување, пополнување на документација и посредување во комуникација со релевантните институции,
  • Примена на заштитни механизми за да се осигура остварување на правата преку пишување жалби, претставки, молби до релевантните институции,
  • Подготовка на правни мислења за релевантноста на законската регулатива од здравствена област врз основа на идентификувана потреба/интерес преку ангажирање на надворешен консултант,
  • Директна соработка со адвокатски канцеларии преку склучување договори и нивно ангажирање да ги застапуваат документираните случаи пред судските органи,
  • Документирање на случаи на повреда на правата од здравствена заштита,
  • Мониторинг на судските постапки преку присуство на рочишта и континуирана комуникација со адвокатите, јавните обвинители и судиите,
  • Интервенции при одолговлекување или затајување на судските постапки преку организирање прес конференции и испраќање писма до надлежни институции,
  • Информирање на ромските заедници за реализираните активности и предизвици при заштита на здравствени права преку подготовка и дистрибуција на месечен билтен,
  • Поддршка при функционирање на “Ромски граѓански парламент” преку основање на група и организирање на месечни отворени средби/трибини/работилници со неформални лидери (верски, партиски, локални авторитети, итн) и засегнати Роми за прашања од поширок здравствен интерес, а во согласност со општествените текови, носење заклучоци и подготовка/испраќање писма/петиции до донесувачите на одлуки.

 


[1] http://romasosprilep.org/wp-content/publications/analizi/Analiza_Makedonska.pdf