30.06.2017

19601415_10154847219122449_8009972617770858801_nВо организација на Хабитат Македонија и РОМА С.О.С. денес се одржа завршната конференција на проектот „Права на домување кај Ромите за одржлив урбан развој“.

Како дел од серијата активности кои се спроведија во рамките на овој проект беше и подготовка на Почетни студии за состојбата со домувањето на Ромите во општините Прилеп, Штип и Чаир. Податоците треба да помогнат при изготвување на политики од страна на надлежните органи како и за зајакнување на ромската заедница во процесите на социјална инклузија. Основа на овие почетни студии беше теренска анкета во која се опфатија 1.672 жители на ромските населби во градовите и се добија податоци во однос на условите во домот, во локалната заедница и се утврдија основните приоритети за локален развој и потребата за подобрување на условите во домувањето. После тоа, следуваше подготовка на Студија за одржлив урбан развој на супстандардни населби во соработка со Архитектонски факултет – Скопје, која денес за прв пат беше промовирана.

Што кажаа присутните?

Зоран Костов (Хабитат Македонија) – Ова е само еден од многуте проекти посветени на унапредување на условите за домување на Ромите, кои ги спроведуваме уште од 2008 година. Со овој проект ги дефиниравме главните проблеми и приоритетите за локален урбан развој. Урбанизацијата на супстандардните населби е област во која остануваме да делуваме и се надевам дека во реализацијата и на идните проекти ќе имаме поддршка од сите релевантни чинители.

Александра Савевска (Хабитат Македонија) – Покрај подготовката на Почетните студии, во рамките на овој проект се оформија три локални лидерски групи со претставници од локалното население од таргетираните општини, а имаме подготвено и над 17 работилници каде низ париципативен процес и вклучувајќи ги сите засегнати страни се изнаоѓаа начини за неодложно решавање на проблемите поврзани со домувањето кај Ромите и урбаниот развој.

Несиме Салиоска (РОМА С.О.С.) – Заедничките препораки за подобрување на состојбата со домувањето на Ромите од сите три општини се следните: потребно е да се инвестира во станбени згради или индивидуални објекти за живеење надвор од околината, за семејствата во ризик; поставување на јавни контејнери низ населбите, со приоритет на главните улици; овозможување поволни финансиски инструменти преку кои ќе може да се реновираат домовите и ќе се овозможи достојно место за живеење без влага во просториите, протекување на покривот или тесен простор.

Дивна Пенчиќ (Архотектонски факултет – Скопје) – Ние имаме ресурси, имаме голем број на студенти и многу е значајно самите тие уште во старт да го започнат своето образование со помагање на овие ранливи групи на граѓани.

Мабера Камбери (Министерство за труд и социјална политика) – Уште многу треба да се работи за да се подобри домувањето кај Ромите. Од суштинско значење е подготовката на Законот за социјално домување, бидејќи сметаме дека со него ќе се донесат одредени мерки со кои на најранливите социјални категории ќе им се овозможи добивање пристојно место на живеење.

Самка Ибраимоски (Министер без ресор) – Ќе се направи една целосна анализа за тоа што е постигнато со Декадата на Ромите во периодот 2005-2015, после што мојот кабинет во соработка со Министерството за труд и социјална политика ќе излеземе со еден план кој ќе го доставиме до Владата на РМ за тоа што треба во наредниот период да се работи. Нашата цел е што побрзо да се реализираат препораките дадени со почетните студии и да се подобри состојбата со домувањето на Ромите.

Проектот почна со реализација на 15 декември 2015 и се спроведува до јули 2017 година. Крајни корисници на проектот се Ромите жители во општините Прилеп, Штип и Чаир но и другите социјално исклучени лица во доменот на домување. Корисници на овој проект се и граѓанските организации кои работат со Ромите и другите социјално исклучени групи на локално ниво, особено “grass root” организации кои даваат директна помош на граѓаните за остварување на нивните човекови и граѓански права како и локалната и централната власт особено одделите кои работат на подготовка на акциони планови за домување и урбан и локален развој.

Целта на проектот е да се зголеми вклученоста и учеството на локалната заедница во процесите на социјална инклузија во домувањето, а со тоа и понатаму да се развиваат и имплементираат човековите права и приоритетите на ЕУ за домување, здравство, образование, вработување, правна и социјална заштита.

*Повеќе за наодите од трите Почетни студии: http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2017/10/Prezentacija-30.06.2017.pdf