08.10.2015, Прилеп

soopstenie-03»3 годишната Анета почина утрово, бараме Јавно обвинителство најбрзо да ја заврши постапката со обдукцијата и да се утврдат причините за смртта.

»РОМА С.О.С. ќе го мониторира и застапува случајот до негово расветлување.

        3 годишно девојче утрово во 7.30 часот без знаци на живот беше однесено на Одделението за детски болести при Ј.З.У. Општа Болница „Борка Талески“ – Прилеп. И по кардио-реанимацијата на детето направена од лекарите, телото не покажало знаци на живот, а забележани биле мртовечки пеги што асоцирало на претходно настаната смрт.

        Малата Анета Неџипоска на ден 07.10.2015 околу 15.30 часот поради влошена здравствена состојба, по упат од матичен лекар била амбулантски примена на Одделението за заразни болести. Претходната вечер јадела сендвич во локална кафана, а по направените лабораториски испитувања утврдена била дијагноза „труење од храна“. Лекарот укажал терапија и штом забележал подобрена состојба, препишал сируп за домашно лекување, препорачал диетална исхрана и контрола по потреба. Семејството загрижено алудира на фактот дека лекарот бил должен да ја хоспитализира Анета со цел да ја следи состојбата бидејќи леукоцитите според крвната слика биле повисоки од 20.000.

        Телото на девојчето е задржано во Општата болница во Прилеп, а за случајот веднаш е информирано Основното Јавно обвинителство, по што издаден е налог за вршење обдукција и утврдување на причините за смртта. Според информациите од Обвинителство, се очекува во текот на утрешниот ден да се спроведе обдукцијата од надлежни лекари од Битола.

За случајот превземени се дејствија и од Центарот за јавно здравје – Прилеп односно екипа од Одделот за Епидемиологија веднаш се упати до локалната кафана и зедоа мустри како од објектот така и од вработените за епидемиолошка анализа. Паралелно, известено е Министерството за здравство кое формираше Комисија за испитување на случајот.

soopstenie-01РОМА С.О.С., како здружение кое работи на остварување и заштита на правата на Ромите, АПЕЛИРА до сите надлежни институции, посебно до Основно Јавно Обвинителство, да преземат дејствија за најбрзо изготвување на Обдукционен наод и овозможување на родителите да го земат телото на Анета за да ги извршат религиозните обреди. Доколку се утврдат основи за кривично дело, да се преземат мерки за барање одговорност од страна на сторителите и да се поднеси кривична пријава.

*Анета е прво дете на 23 годишниот Сејнур Неџипоски и 21 годишната Зулихана Ќазимоска кои имаат и син на возраст од 1 година и 6 месеци.