08.04.2015

08042015Денес е 8ми Април – Интернационален ден на Ромите на кој се промовира позицијата, културната, историската и традиционалната вредност на ромската популација ширум светот а се со цел да се намали етничката, образовната и социо-економската дискриминација.

Во контекст на истото, Владата на РМ во 2005 година ја усвои Стратегијата за Роми (2005-2015) како државен документ наменет за постигнување подобра вклученост на Ромите во општествените текови и за зголемување на можностите за подобар живот, а во исто време и Акциските планови од Декадата за вклучување на Ромите.

Оваа година „славиме“ 10 годишна заложба на институциите и Ромите при имплементација на оваа јавна политика и притоа можеме да се пофалиме со тоа што e забележано дека напредокот во најголем дел од предвидените активности/мерки од здравствената компонента е скоро невидлив.

Сеуште е валиден истиот став врз основа на кој се пишуваше Стратегијата “недостатокот на официјални податоци за состојбата со ромската заедница односно неводењето евиденција по национална припадност претставува клучна пречка при дефинирањето на проблемите односно потребите на Ромите, а со тоа и планирањето/следењето на мерките/активностите за подобрување на здравствената состојба.”

Истото беше заклучено и на промоцијата на публикацијата Што покажуваат искуствата и податоците за (не) реализирањето на здравствената компонента од Стратегијата за Роми 2005-2015 на 6ти Април 2015 во Холидеј ИНН – Скопје помеѓу присутните претставници на граѓанскиот сектор и државните институции/тела.

Публикацијата беше подготвена како резултат на инцијатива превземена од здруженијата РОМА С.О.С. од Прилеп, РРЦ од Скопје, ЦДРИМ од Скопје, Х.Е.Р.А. од Скопје, КХАМ од Делчево и ЛИЛ од Скопје, а преку која во периодот Јуни 2014-Февруари 2015 година беа побарани и сумирани одговори на 70 Барања за информации од јавен карактер од 55 институции/установи и тоа за осум приоритетни прашања.

Толкувањето на податоците, причините и факторите се предмет на дополнителна анализа и споредба во наредниот период со што ќе се придонесе во креирањето на идните јавни политики и акциони планови наменети за унапредување на здравствената состојба на Ромите. Притоа нашата надеж дека еден ден погледот ќе ни биде “розов”, како што се очекуваше во 2005 година, наместо “сив”, каков што е во реалноста, продолжува па макар за тоа да ни се потребни и наредните дваесет години, а заради што Владата на РМ усвои и нова Стратегија за Роми 2014-2020.

Ќе продолжиме да соработуваме со институциите и државните органи/тела за да обезбедиме подобро утро за помладата генерација која во своите анализи и податоци во иднина ќе може да утврди конкретен напредок а на денешен ден наместо нашите 0%, 1% или максимум 14% од реализација на Стратегијата за Роми, гордо ќе каже дека состојбата со здравјето на Ромите барем приближно е подобрена ако не и еднаква со останатите етнички заедници.

А дотогаш, Честит нека ни е 8ми Април!

Фотографии од активноста