20.10.2016

Detski brakovi - MKКОЈ Е СТАВОТ ЗА ДЕТСКИТЕ БРАКОВИ ВО РАЗЛИЧНИТЕ ОПШТИНИ/ЗАЕДНИЦИ И ПОМЕЃУ НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ?

Склучувањето брак, како и живеењето во неформална заедница помеѓу и со лица под 18 години, како појава може да се забележи години наназад, при што директно се нарушува процесот на образование на малолетниците, се ограничуваат можностите за нивна општествена интеграција, се предизвикува опасност од здравствени нарушувања и се создава родова нееднаквост. Притоа се користат повеќе различни термини како: малолетнички бракови, рани бракови и.т.н., но бидејќи според Конвенцијата за правата на детето на ОН „дете е секое лице кое не наполнило 18 години“ имајќи ја во предвид возрасната граница, терминот детски бракови е одбран да се користи како најсоодветен.

Генералниот проблем во оценувањето на распространетоста на детските бракови е тоа што многу од нив не се регистрирани и не се официјални, па затоа не се смета како дел од стандардниот систем за собирање податоци. Во моментов постои сериозен недостиг од аналитички и статистички информации за сите аспекти. Многу често детските бракови, особено помеѓу ромската популација, се гледаат како дел од традицијата за одредени социјални групи и истите не се соодветно санкционирани, а уште помалку превенирани.

Прашањето на детски бракови скоро никогаш не било поставувано како приоритет за  делување, но со оглед на последиците што ги остава врз развојот на децата (сиромаштија, семејно насилство, неообразованост, рана бременост) потребно е да се дејствува во насока на негово решавање, имајќи ги во предвид следните извори на информации:

  • Мулти-индикаторското кластерско истражување спроведено од УНИЦЕФ во 2011 година, според кое бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%, кај албанците е 6%, кај македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува 22%. Понатаму, бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или се моментално бремени на национално ниво изнесува 3%, додека во ромските населби тој е 18%,
  • Државниот завод за статистика за периодот 2011/2014 година илустрира тенденција на намалување на бројот на склучени (формални) бракови помеѓу лица под 20 години (по години: 236, 208, 185 и 158),
  • Министерот за труд и социјална политика по повод Меѓународниот ден на женското дете во 2012 година изјави……од 14 илјади бракови, колку што годишно се склучуваат во Македонија, 13% се помеѓу лица под 18 години и тоа во најголем дел склучени со малолетни девојки од ромската заедница…..

Здружението РОМА С.О.С. со цел да ја истражи подетално појавата и начинот на кој се перцепираат ваквите случаи од страна на различните вклучени страни, и кои постапки се превземаат за истото, спороведе истражување во општина Прилеп во периодот јули – декември 2015 при што ги примени следните методи:

  • Правна анализа
  • деск-топ истражување
  • Квалитативна анализа
  • 13 Барања за информации од јавен карактер до надлежни институции
  • Квантитативна анализа
  • 15 Интервјуа со засегнати институции
  • 2 Фокус групи со ромска заедница (родители и млади Роми)

Како резултат, подготвена е Студија на случај “Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата”[1] во која се илустрирани следните заклучоци:

  • Бракот помеѓу и со лице под 18-годишна возраст претставува повреда на правата на децата го нарушува процесот на образование, ги ограничува можностите и може да предизвика здравствени нарушувања, родова нееднаквост и семејно насилство;
  • Заедничка заложба и координација помеѓу државните институции сè уште недостасува во справување со прашањето од различни аспекти, а особено заради отсуството на официјални податоци за состојбата;
  • Недостасува разбирање на појавата во контекст на човековите права, недостасуваат протоколи за постапување и интерен однос на надлежните институции, а постои страв од стигматизација со проблемот на  одредена група;
  • Принципот “она што не е казниво, тоа е дозволено” дозволува вонбрачна заедница меѓу и со лицата со полни 16 години а ненавршени 18 години (правна празнина), и притоа истото се применува како правно оправдување за оваа штетна практика како од институциите така и од заедниците.

Врз основа на истото се препорачани следните промени:

Хармонизирање на постојното законодавство со цел експлицитно да се осигура дека минималната законска возраст е 18 години за едно лице да живее во брачна заедница:

  • Закон за семејство – да се забрани живеењето на малолетници во вонбрачни заедници односно да се осигура дека браковите под 18-годишна возраст се дозволени единствено во исклучителни случаеви со судска одлука и кога се во најдобар интерес на детето, придружено со напори за строго контролирано добивaње на стручно мислење. Исклучокот да не биде правило.
  • Кривичен законик – да се помести горната граница од 16 на 18 години во член 197 односно да се опфати возрасната граница до 18 години, наместо до 16 години како што е моментално, предвидено за санкционирање на вклучените полнолетни лица при вакви случаи за да надлежните институции усогласено дејствуваат и преземаат мерки како кон кривични дела.

Воведување на институционален систем за евиденција и следење на бракови меѓу и со лица помлади од 18 години:

  • Закон за средно образование – да се прошири Збирката на податоци со што ќе се вклучи евиденција на состојбите на ризик на децата, особено во однос на брачните и вонбрачни заедници. Притоа училиштето ќе го известува Центарот за социјални работи кој потоа ќе презема мерки и активности согласно Законот за заштита на децата и ќе ги вклучи МВР односно ОЈО во понатамошно постапување.

Развивање на посебна програма за заштита и спречување од брачна заедница под 18 години:

  • Координирана акција помеѓу централните, локалните институции и здруженија за подготовка на дата-база на податоци, размена на податоците и соодветно постапување на сите засегнати страни,
  • Спроведување на кампањи и обуки кои ќе ја сензибилизираат јавноста и професионалците, како и ке обезбеди разбирање на проблемот во контекст на човековите права.

Во насока на третата препорака, во месец октомври 2016, се организираа 5 јавни дискусии на кои во присуство на претставници од ромската заедница и локални здруженија, претставници од здравствени, образовни и социјални установи, како и правни практичари, се презентираше Студијата на случај и дискутираше во насока на потврда или негација на добиените заклучоци и препораки:

»03.10.2016: Општина Ѓорче Петров, во партнерство со Здружение на просветни работници за заштита на правата на жените и децата “ЛИЛ”, хотел Карпош; прочитајте повеќе на следниот линк

»05.10.2016: Општина Битола, во партнерство со Центар за развој на ромската заедница “Баирска Светлина”, хотел Милениум; прочитајте повеќе на следниот линк

»06.10.2016: Општина Шуто Оризари,  во партнерство со Ромски едукативен центар “АМБРЕЛА”, пицерија Пинокио; прочитајте повеќе на следниот линк

»12.10.2016: Општина Штип, во партнерство со Здружение на мултиетничко општество за човекови права, хотел Оаза; прочитајте повеќе на следниот линк

»14.10.2016: Општина Куманово, во партнерство со Ромска организација на жените од Македонија “ДАЈА”, ресторан Рим-Парис; прочитајте повеќе на следниот линк

*Инцијативата веќе втора година е поддржана од канцеларијата на УНИЦЕФ и независниот експерт Цветанка Иванова, а од оваа година преку потпишан Меморандум за соработка се приклучија, покрај горенаведените 5 здруженија, и Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Националниот Демократски Институт и Кабинетот на Министерот без ресор при Влада на РМ.

Кога обичајното право е над државното право, исклучокот станува правило!

Поддржуваме традиција која води кон просперитет на децата до 18 години, но не и практика која им штети на нивниот развој и интеграција!

Ја предлагаме санкцијата како паралелно средство за заштита на правата на децата и општествена ресоцијализација на темата (покрај едукацијата и советувањето), а не како репресија на институциите врз граѓаните!

 


[1] http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2016/05/Roma-SOS_Sivata-zona_MK_05.pdf