SEN_0028

Одбележување на роденден во присуство на најблиските соработници, партнери, поддржувачи и пријатели.

05.12.2018

Се започна пред повеќе од една деценија кога се наметнуваа потребите за граѓанска иницијатива во ромската заедница за едукација и помош, а соодветно на барањата и околностите се развиваа активности од областите на бесплатната правна помош, се подржуваа судски постапки, се иницираа законодавни иницијативи и се овозможуваа услуги од здравствена заштита, како основни столбови на работа на здружението. На таков начин, развивајќи ги индивидуалните и колективните капацитети, од етнички профилирана локална група на активисти, низ годините РОМА С.О.С. прерасна во организација која што застапуваше интереси за сите граѓани на Република Македонија.

На настанот, свое обраќање имаа најглавните чинители и подржувачи:

SEN_0161Сузана Велковска – Фондација Отворено Општество Македонија   истакна дека претставува огромна чест што имала прилика да работи со РОМА С.О.С. и со Несиме Салиоска како исклучително вредна, упорна и достоинствена личност – квалитети поради кои соработката продолжила во текот на сите овие години, иако понекогаш со несогласувања и препирки, но секогаш во добра и позитивна насока. Таа посочи дека присуството на сите гости на прославата само по себе покажува голем успех односно дека низ годините е постигнато сериозно учење и надоградување. 

…………………………

SEN_0172Слаѓана Марјановиќ Пановска – Национален Демократски Институт Македонија упати честитки за значајниот јубилеј од свое и од името на организацијата која ја пртставува, истакнувајќи дека им е чест што имале удел во развојот и напредокот на здружението. Таа сподели едно сеќавање од 2009 година, кога во еден ладен февруарски ден, една млада девојка од Прилеп се појавила на интервју во канцелариите на НДИ за вклучување во програмата за градење капацитети за застапување и политички вештини. Таа уште тогаш помислила дека штом некој на таков ден, со толкава решителност допатувал за интервју, мора да е многу мотивиран и желен за работа. Таа посочи дека не згрешиле што и дале шанса на Несиме Салиоска, а таа соработка во иднина продолжила на институционално ниво со здружението РОМА С.О.С. на која таа е особено горда.

…………………………………..

SEN_0179Цветанка Иванова – правен консултант во кампањата за детски бракови, упати честитки до тимот на здружението за јубилејот 11 години успешна работа, истакнувајќи дека имала чест да работи со Несиме Салиоска и тимот на РОМА С.О.С. на појавата „детски бракови“ која во Република Македонија до пред неколку години била табу тема. Таа беше искрена и призна дека кога Несиме и пристапила пред 3 години изнесувајќи ја идејата за работа на оваа проблематика, првата помисла била дека темата и не е нешто многу важна за да во тој момент државата треба да се занимава со тоа, но како што навлегувала во истражувањето, така се повеќе била поразена од бројките за случаите, и тоа не само во ромската туку и во сите други заедници. Сепак, официјалните бројки се нецелосни, бидејќи државата нема официјална статистика за неформалните заедници, нема усогласеност во постапувањето на државните институции за да можат да преземаат мерки за превенција или заштита на децата. Како резултат на таа анализа, направени се предлог-измени на 4 закони кои веќе се доставени до надлежните министерства и очекувањата се дека во најскоро време ќе бидат усвоени од страна на Собранието, а се со цел да се спречи и уреди магичниот круг на сиромаштија и безизлезност.

……………………………..

SEN_0186Ајнур Велиоски  – Ромски Граѓански Парламент Прилеп, истакна дека имал чест да соработува со организацијата и да биде вклучен во неформалната група “Ромски Граѓански Парламент”, без чие функционирање многу проблеми на ромската заедница би останале неактуелизирани и нерешени.

  ……………………………….

SEN_0189Тефик Мусовски – Ромски Граѓански Парламент Битола,  упати честитки за јубилејот истакнувјќи дека со активностите кои се реализирале всушност организацијата работела во служба на народот и како таква сериозно излегувала во пресрет на оние кои најмногу имаат потреба, а тој како активен чинител во процесот, уживал да соработува со поединци  и група чијашто мисија била во функција на интересите на заедницата. 

……………………………………………..

SEN_0191Несиме Салиоска –  извршна директорка на РОМА С.О.С., се заблагодари на сите присутни и на сите оние кои низ годините придонеле со своето ангажирање во развојот на здружението и реализацијата на бројни активности, потенцирајќи го начинот на кој поединци – пионери учествувале во реализација на одредени приоритети и промени.  

………………………………….

Истовремено беше најавена трансформацијата во ново здружение – Станица П.Е.Т. кое ќе профункционира од јануари 2019 година со локација во центарот на градот. Поимот „станица“ е место каде што луѓето постојано ќе можат да се обратат, а зборот „П.Е.Т.“ е акроним и означува правна едукација и транспарентност. Здружението ќе биде место каде што сите граѓани, без разлика на етничката или друга припадност, ќе можат правно да се едуцираат во насока на остварување на своите права, но ќе се бара транспарентност/отчетност од страна на институциите. „Центар за пристап до правда“ е појдовниот проект, како дел од Стратегијата на Фондација Отворено општество Македонија со кој ќе се цели кон овозможување пристап до правда и бесплатна правна помош за граѓаните.