14.09.2017 

     21742943_1587099034678072_8661674354833056246_nДенес се одржа Јавна расправа во организација на здружението РОМА С.О.С. и канцелариите на УНИЦЕФ, УНФПА и НДИ, во Клубот на пратеници – Скопје, со цел да се одговори на пршањето Како до поголема правна и институционална заштита од појавата „детски брак“?

На Јавната расправа присутни гости беа преставници од Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Државниот просветен инспекторат, Државниот совет за превенција на детско престапништво, Канцеларијата на Народен правобранител, како и пратеници во Собранието на РМ, правни/судски практичари, преставници на национални и локални институции/установи и невладини организации.

Покрај организаторите, говореа и претставници од надлежните министерства:

*НЕСИМЕ САЛИОСКА (извршен директор, РОМА С.О.С.) – „Заклучоците и препораките од двегодишната заложба за идентификување на потенцијални решенија, преточени во измени и дополнувања на Кривичниот законик, Законот за семејство и Законот за средно образование, ќе бидат презентирани и продискутирани денес. Врз основа на стручните коментари и сугестии ќе се финализираат и процесираат до надлежните министерства.

Предлозите се во согласност со одредбите во Законот за правда на децата, меѓународните конвенции ратификувани од Р. Македонија, како и со заклучоците и препораките на Комитетите на ОН за прогресот на државата во заштитата на детскиот просперитет и интегритет.“

*ЕЛСПЕТ ЕРИКСОН (заменик-претставник, УНИЦЕФ) – „Тука сме да го поддржиме подигнувањето на гласот за потребните законски измени – да се осигураме дека на оваа опасна практика која резултира со штетни последици ќе и се стави крај. Секое дете заслужува да биде дете и секое дете заслужува секој од нас да работи за да му обезбеди соодветна заштита и сигурност.„

*СОЊА ТАНЕВСКА (заменик-претставник, УНФПА) – „Од директното искуство на другите земји во ЕУ кои работеле на појавата детски бракови, можеме лесно да помогнеме во прилагодување на постоечките протоколи за да истите се вградат и применат кај нас. Само целосен пристап кој би ги опфатил областите здравство, социјала, образование, правда и граѓански сектор, може да даде резултат. Секој одговор на детските бракови треба да биде базиран на пристапот на човекови права.“

*СЛАЃАНА МАРЈАНОВИЌ ПАНОВСКА (програмски координатор, НДИ) – „Ние ја поддржуваме оваа иницијатива од самиот почеток бидејќи сметаме дека иако предложените законски измени не се големи, сепак се суштински – директно влијаат не само на животите на децата туку и на нивните семејства и општеството во целина.“

*САМКА ИБРАИМОСКИ (Министер без ресор) – „Вашето присуство на овој настан докажува дека организаторите успеале добро да ја сензибилизираат јавноста за тоа дека со оваа појава се соочуваат сите граѓани, а не само Ромите. Како што е посочено и во предговорот на студијата на случај, станува збор за прашање поврзано со децата кои не се доволно зрели самостојно да носат одлуки. Во таа смисла, државата преку законски одредби и постапувања на институциите треба да ги заштити нивните права и најдобар интерес.
Предлозите се во насока на спроведување недискриминаторска политика, преку која сите млади индивидуи целосно ќе можат да ги искористат своите потенцијали и капацитети во реализација на сопствената и заедничката визија.“

*МИЛА ЦАРОВСКА (Министер за труд и социјална политика) – „Во изминатата година се регистрирани 150-200 бракови склучени помеѓу или со малолетни лица. Тоа потврдува дека она што во законот е предвидено како исклучок, навистина во пракса станало правило. Ова прашање апсолутно не е ромско прашање, туку ги засега сите и поради тоа потребна е распределба на обврските помеѓу сите органи (социјални, здравствени, образовни како и општински единици). Во целиот овој пристап, се согласувам најмногу со предлогот за уредување или забрана на вонбрачната заедница помеѓу и со малолетни лица, а за улогата на центрите за социјална работа е потребно дополнително да се дискутира и дефинира.“

*ОЛИВЕР РИСТОВСКИ (Заменик-Министер за правда) – „Јас лично ја поддржувам предложената измена и ќе се заложам за истата. Препораките веќе се земени во предвид од страна на Министерството за правда и ќе бидат дополнително разгледувани од страна на работната група која е формирана за целосно ревидирање на Кривичниот законик. Во тој процес граѓанскиот сектор ќе биде вклучен и консултиран.“

*АНЕТА ТРПЕСКА (Државен секретар, Министерство за образование и наука) – „Потребен е проактивен пристап во превенцијата на појавата детски бракови, со интервенција уште во основното образование. Потребно е прецизно дефинирање на состојбата на дете во ризик, како и едукација на наставниот кадар за нејзино препознавање и соодветно следење или постапување.“

СУГЕСТИИ: Од присутните беше посочено дека најавата за воведување на Семеен социјален работник во рамки на планираните измени на Законот за социјална заштита, може да се примени како метода за справување со појавата детски бракови, со оглед на нивната предвидена улога да ги координираат активностите на локалните институции/установи во давањето услуги за семејствата во ризик. Истакнато беше дека е потребно да се провери и потенцијална интервенција во Законот за здравствена заштита – здравствените работници можат сериозно да придонесат, доколку прецизно се дефинираат и нивните обврски.

ЗАКЛУЧОК: Детските бракови се општествен феномен кој штетно влијае на животите на младите индивидуи. Притоа, се создава круг од повреди на правата дефинирани во меѓународната и националната законска регулатива. Повеќе фактори придонесуваат кон ова: децата сметаат дека љубовта е водечка сила во креирање на нивната иднина, нивните родители не знаат како да се справат со ваквото однесување, надлежните институции се ограничени во постапките, неинформирани навремено за случаите и несигурни како и до кого да пријават. Oдговорноста за оваа појава е заедничка и сите сме должни да придонесеме кон намалување на бројот на детски бракови. Појавата се забележува и меѓу момчињата, но особено се одразува врз девојчињата со што детските бракови добиваат и родова димензија. За проблемот се иницираше дискусија од ромските здруженија и со ромските заедници од причина што меѓу нив детските бракови се најзастапени, но не и дека истите се ограничени на еден етникум. Битно е да се создадат предуслови за нормално и хумано живеење за сите, без разлика на припадноста, поради што и сме согласни да се преземат потребните државни заложби и институционално да се регулира појавата.

За таа цел подготвените предлог-закони за измени и дополнувања на Законот за семејство, Законот за средно образование и Кривичниот законик, беа разгледани и врз основа на истакнатите коментари и сугестии ќе бидат финализирани, а потоа и формално преземени од министерствата за нивно понатамошно процесирање пред Собранието.