22.06.2017

19416062_1557140307639150_809484015_n…..

Здружението РОМА С.О.С., со финансисика подршка на УНИЦЕФ, денес одржа настан во Скопје за промоција на публикација за искористеноста на паричните надоместоци и факторите кои го ограничуваат пристапот на ромската заедница до правото на детски додаток, посебен додаток, родителски додаток и еднократна парична помош за новороденче, пред претставници на 6 Центри за социјална работа и локални здруженија од општините Прилеп, Битола, Штип, Куманово, Ѓорче Петров и Шуто Оризари, а кои беа опфатени со истражување во периодот ноември 2016 – февруари 2017 година.

…..Со извештајот се дава образложение за трендовите кои укажуваат дека бројот на корисници на посочените права се намалувал низ годините 2012-2015, со единствена разлика кај родителскиот додаток каде бројот на корисници се зголемил.

*Посебно се истакна фактот дека родителскиот додаток е условен со гинеколошки прегледи кај жените и истото претставува пречка кај ромската заедница, а посебно во општина Шуто Оризари, имајќи во предвид дека пристапот до гинеколог им е ограничен или оневозможен. Дополнително, законската рамка предвидува користење на ова право исклучиво од страна на мајката, со што се смета дека децата во нејзино отсуство не ја добиваат потребната поддршка од државата иако таткото ја остварува родителската грижа.

*Детскиот додаток е наменет само за семејства каде барем еден од родителите е вработен и прима редовна минимална плата, но не и за семејствата кои се корисници на социјална парична помош. Со овој пристап сериозно се обесправени децата од семејствата кои живеат во сиромаштија.

Препораки и мислења од присутните говорници за тоа како измените на социјалните мерки може да го подобрат нивното спроведување и ефектите на терен:

⇒Работејќи заедно ќе осигураме да ниедно дете нема да биде исклучено од потребната поддршка за развој. Тоа е основната мисија на УНИЦЕФ и од таа причина за поздрав е заложбата и отвореноста за меѓусекторска соработка како од страна на надлежните министерства така и од страна на центрите за социјални работи и здруженијата на граѓани, а во насока на обезбедување подобри услови при заштита на децата, особено оние од нјаранливите категории, како во случајот со Ромите – истакна заменик-претставникот на УНИЦЕФ во Р.Македонија, г-ѓата Елспет Ериксон.

⇒Родителскиот и детскиот додаток во изминативе години не ја постигнаа својата цел и од таа причина МТСП формираше работна група која ќе се насочи кон прегрупирање на социјалните бенефиции за деца  за да истите бидат подостапни за најранливите категории на семејства. МТСП во наредниот период ќе се залага за воведување на индивидуален пристап при нудењето на помош и поддршка бидејќи секое семејство е специфично само за себе а социјалните работници потребно е да бидат подготвени да им излезат во пресрет на нивните барања ако навистина сакаме да се извлечат од детска сиромаштија или одреден семеен ризик. Центрите за социјална работа потребно е да развијат партнерски однос со граѓанскиот сектор во исполнување на заедничките цели, имајќи во предвид дека постојат одредени некомпетентни кадри кои не секогаш ја поседуваат потребната стручност за исполнување на работните задачи – истакна Министер за труд и социјална политика, г-ѓа Мила Царовска.

⇒Трендот на намалување и неискористување на алоцираните буџетски средства од државата за социјални бенефиции на граѓаните, треба да се промени во насока на нивно зголемување и доследно искористување, а со цел да се опфати и поддржи поголема група на семејства од ромската заедница при користење на правата за деца, потецираше Министерот без ресор и Национален координатор на Стратегијата за Роми, г-динот Самка Ибраимоски.

⇒Потребно е јасно и концизно образложение на причината за прекин на правата со Решенијата од ЦСР, со цел соодветно граѓаните се насочат кон правната поука односно по кој основ да се поднесе жалба, а не само нормативно информирање за законот или членот по кој е укинато правото. Потребно е Центрите за социјала работа навремено да постапуваат бидејќи нивното непостапување може да биде причина за неостварување или прекин на правата. Неприфатливо е во денешно време сеуште ромската заедница да се чуствува дискриминирана во постапките за остварување на правата пред институциите. Поголемо информирање на социјално ранливите граѓани за критериумите односно условите, треба да биде приоритет на сите јавни службеници во својата работа – беше заклучокот на замeник-Народниот Правобранител,
г-ѓата Васка Бајрамовска Мустафа.

⇒Несиме Салиоска, извршна директорка на РОМА С.О.С. и Александар Лазовски од канцеларијата на УНИЦЕФ – Скопје, ги информираа присутните за подготовката на јавна национална кампања преку која ќе се таргетираат ромските заедници и ќе им се приближат потребните информации за постапките при остварување на правата за детски додаток и посебен додаток, како и за можностите за заштита при прекин. Воспоставување на директно партнерство помеѓу присутните страни, е следниот чекор за кој сите искажаа подготвеност.

.

Линк од онлајн публикација:

http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2017/05/Osnovna-studija_MK_web.pdf