18.11.2016

Detski brakovi - MK¶ Склучувањето брак, како и живеењето во неформална заедница помеѓу и со лица под 18 години, како појава може да се забележи години наназад, при што директно се нарушува процесот на образование, се ограничуваат можностите за општествена интеграција, се предизвикува опасност од здравствени нарушувања и се создава родова нееднаквост. Притоа се користат повеќе различни термини како: малолетнички бракови, рани бракови и.т.н., но бидејќи според Конвенцијата за правата на детето на ОН „дете е секое лице кое не наполнило 18 години“, терминот детски бракови е одбран да се користи како најсоодветен.

Генералниот проблем во оценувањето на распространетоста на детските бракови е тоа што многу од нив не се регистрирани и не се официјални, па затоа не се смета како дел од стандардниот систем за собирање податоци. Многу често детските бракови, особено помеѓу ромската популација, се гледаат како дел од традицијата и истите не се соодветно санкционирани, а уште помалку превенирани.

Прашањето на детски бракови скоро никогаш не било поставувано како приоритет за  општествено делување, но со оглед на последиците што ги остава врз развојот на децата (сиромаштија, семејно насилство, неообразованост, рана бременост) потребно е да се дејствува во насока на негово актуелизирање, а имајќи ги предвид следните извори на информации:

  • Мулти-индикаторското кластерско истражување спроведено од УНИЦЕФ во 2011 година – бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%, кај албанците е 6%, кај македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува 22%. Понатаму, бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или се моментално бремени, на национално ниво изнесува 3%, додека во ромските населби тој е 18%,
  • Државниот завод за статистика за периодот 2011/2014 година илустрира тенденција на намалување на бројот на склучени (формални) бракови помеѓу лица под 20 години (по години: 236, 208, 185 и 158), додека невладините организации на терен илустрираат тенденција на зголемување на бројот на неформални заедници,
  • Министерот за труд и социјална политика по повод Меѓународниот ден на женското дете во 2012 година изјави……од 14 илјади бракови, колку што годишно се склучуваат во Македонија, 13% се помеѓу лица под 18 години и тоа во најголем дел склучени со малолетни девојки од ромската заедница…..

Здружението РОМА С.О.С. со цел да ја истражи подетално појавата и начинот на кој се перцепираат ваквите случаи, како и да утврди кои постапки се превземаат, спороведе истражување во општина Прилеп во периодот јули – декември 2015 применувајќи ги следните методи:

  • Правна анализа
  • деск-топ истражување
  • Квалитативна анализа
  • 13 Барања за информации од јавен карактер до надлежни институции
  • Квантитативна анализа
  • 15 Интервјуа со засегнати институции
  • 2 Фокус групи со ромска заедница (родители и млади Роми)

Како резултат, подготвена е Студија на случај “Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата”[1] во која се илустрирани следните заклучоци:

  • Недостасува заедничка заложба и координација помеѓу државните институции во справување со појавата односно недостасуваат протоколи за постапување и интерен однос на надлежните служби, а постои и страв од етничка стигматизација со појавата помеѓу одредени заедници;
  • Недостасува разбирање на појавата како повреда на правата на децата, а особено заради отсуството на официјални податоци за состојбата и не-хармонизираната законска регулатива;
  • Принципот “она што не е казниво, тоа е дозволено” дозволува вонбрачна заедница меѓу и со лицата со полни 16 години, а ненавршени 18 години (правна празнина), и притоа истото се применува како правно оправдување за оваа штетна практика како од институциите така и од граѓаните.

Врз основа на истото препорачани се следните промени:

⇒Хармонизирање на постојното законодавство со цел експлицитно да се осигура дека минималната законска возраст е 18 години за едно лице да живее во брачна заедница:

  • Закон за семејство – да се забрани живеењето на малолетници во вонбрачни заедници односно да се осигура дека браковите под 18-годишна возраст се дозволени единствено во исклучителни случаеви со судска одлука и кога се во најдобар интерес на детето, придружено со напори за строго контролирано добивaње на стручно мислење. Исклучокот да не биде правило.
  • Кривичен законик – да се помести горната граница од 16 на 18 години во член 197 односно да се опфати возрасната граница до 18 години, наместо до 16 години како што е моментално, предвидено за санкционирање на вклучените полнолетни лица при вакви случаи за да надлежните институции усогласено дејствуваат и преземаат мерки како кон кривични дела.

⇒Воведување на институционален систем за евиденција и следење на бракови меѓу и со лица помлади од 18 години:

  • Закон за средно образование – да се прошири Збирката на податоци со што ќе се вклучи евиденција на состојбите на ризик на децата, особено во однос на брачните и вонбрачни заедници.
  • Да се подготви Протокол за координирано постапување и формирање на дата-база на податоци. Притоа училиштето и Центарот за социјални работи меѓусебно ќе разменуваат податоци и соодветно ќе преземаат мерки или активности согласно Законот за заштита на децата, а дополнително ќе ги вклучуваат МВР односно ОЈО во понатамошно постапување.

⇒Развивање на посебна програма за заштита и спречување од брачна заедница под 18 години:

  • Да се спроведат кампањи и обуки со кои ќе се сензибилизираат јавноста и стручните лица за проблемот во во контекст на човековите права.

—————————————————————————————————————————————

¶ Во насока на потребата од потврда или негација на добиените заклучоци и препораки, во месец октомври 2016, се организираа 5 јавни локални дискусии на кои во присуство на претставници од ромската заедница и здруженија на граѓани, религиозни лидери, претставници од здравствени, образовни и социјални установи, полициски станици, правни/судски практичари, народен правобранител, медиуми, се презентираше студијата на случај:

  • 03.10.2016: Општина Ѓорче Петров, во партнерство со Здружение на просветни работници за заштита на правата на жените и децата “ЛИЛ”

ТВ прилог: https://youtu.be/SlKt84Xzp4s

Прочитајте повеќе на следниот линк

  • 05.10.2016: Општина Битола, во партнерство со Центар за развој на ромската заедница “Баирска Светлина”

ТВ прилог: http://tera.mk/kako-da-ne-se-mazhat-i-zhenat-dodeka-se-detsa/

Прочитајте повеќе на следниот линк

  • 06.10.2016: Општина Шуто Оризари,  во партнерство со Ромски едукативен центар “АМБРЕЛА”

ТВ прилог: https://www.youtube.com/watch?v=rxXqt9Dp_Nw

Прочитајте повеќе на следниот линк

  • 12.10.2016: Општина Штип, во партнерство со Здружение на мултиетничко општество за човекови права

ТВ прилог: https://www.youtube.com/watch?v=oRkrSf1vP-o

Прочитајте повеќе на следниот линк

  • 14.10.2016: Општина Куманово, во партнерство со Ромска организација на жените од Македонија “ДАЈА”

ТВ прилог: https://www.youtube.com/watch?v=jvZeOlNXiCk

Прочитајте повеќе на следниот линк

  • 17.11.2016: Завршна јавна дискусија во Прилеп со сите претходно вклучени организации/институции/поддржувачи

Слики и видео: https://www.facebook.com/pg/%D0%9D%D0%92%D0%9E-%D0%A0%D0%9E%D0%9C%D0%90-%D0%A1%D0%9E%D0%A1-122669561121034/photos/?tab=album&album_id=1212551995466113

Прочитајте повеќе на следниот линк

—————————————————————————————————————————————

¶ Паралелно беше подготвен и документ за јавни политики “ДЕТСКИ БРАКОВИ: ОД ЉУБОВ ДО ГРУБА ПОВРЕДА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА” во кој се илустрирани податоци и факти од терен.[2]

—————————————————————————————————————————————

¶ Покрената беше и Иницијатива за измена на Кривичниот закон до Министерство за правда од страна на Државниот совет за превенција на детско претстапништво. На 35-тата седница одржана на 08.11.2016 година се расправаше за подготвената студија на случај и беше истакнато дека во најкраток можен рок треба да се пристапи кон измени и дополнување на Кривичниот законик во согласност со посочената препорака.[3]

—————————————————————————————————————————————

.

Теорија и пракса – што и каде конкретно се појавува неусогласеноста

Picture10

.

Кога обичајното право е над државното право, исклучокот станува правило!

Поддржуваме традиција која води кон просперитет на децата до 18 години, но не и практика која им штети на нивниот развој и интеграција!

Ја предлагаме санкцијата како паралелно средство за заштита на правата на децата и општествена ресоцијализација на темата (покрај едукацијата и советувањето), а не како репресија на институциите врз граѓаните!

.


[1] http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2016/05/Roma-SOS_Sivata-zona_MK_05.pdf

[2] http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2017/04/ROMA-SOS_Detski-brakovi.pdf

[3] http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2017/09/Inicijativa-za-izmena-na-zakon-09.11.2016.pdf