DSC03860Во учебната 2017/18 година, вкупно 174 ученици распоредени во 8 паралелки, 6 од трето одделение и 2 од четврто одделение, запишани во ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп, посетуваа настава во објект оддалечен 300 метри од самото училиште, или т.н. „воено училиште“ именувано како Центар за обука „Лазо Филипоски Лавски“. И додека родителите во изминатите повеќе од 15 години реагирале на условите за одвивање на наставата, безбедноста и хигиенските услови во овие простории, не постои ниту еден запис според кој може да се илустрира состојбата во ова дисперзирано училиште.

Ситуацијата ескалираше на 21 јануари 2018 година, кога еден од учениците играјќи во дворот се здоби со телесна повреда изразена со отворени рани на колкот и бедрото, а стекната од одрон од училишната ограда, која буквално паднала над ученикот. Ученикот бил задржан на болничко лекување и била изведена сериозна хируршка интервенција.

Анализирајќи го случајот, беа добиени информации и за претходен случај кој се случил исто неодамна, сличен на горенаведениот при спроведување на час по физичко воспитување, кога ученик се здобил со телесна повреда изразена со скршеница на двете раце, повреда на долната усна, повреда на главата и колениците, кои повреди се констатирани од лекар. Повредата ученикот ја стекнал при пад поради лизгавиот терен во дворот, кој дел учениците го користат за играње, иако овој терен не е обележан.

За овие случаи, никој не сакаше да преземе одговорност, па од таа причина родителите побараа поддршка од невладината организација, при што се утврди дека во ова т.н. училиште:

  • Нема технички и хигиенски услови за одржување на настава;
  • Објектот и дворот се руинирани и небезбедни, а инвентарот и ѕидовите се распаѓаат;
  • Не е обележан ниту објектот, а ниту патот, учениците се изложени на опасност од сообраќајот;
  • Советот на родители реагирал во неколку наврати, но не постои запис од истото;
  • Возраста на децата не е соодветна за посета на образовна установа на оваа оддалеченост и истите се во нееднаква положба во споредба со останатите ученици запишани во тоа училиште.

Претставката поднесена до Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Општина Прилеп и до ООУ Добре Јованоски, резултираше со два инспекциски надзори.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во рок од една недела постапи по претставката и притоа го утврди следното:

  • Хигиената во вкупниот училиштен простор не е на задоволително ниво и е оптоварен со непотребни предмети,
  • Во училишната зграда не е спроведена проточна вода, односно за миење се користи поставен пластичен сад и старо лавабо,
  • Во санитарните јазли не се поставени средства за лична хигиена и нема осветлување,
  • Инвентарот во училниците е застарен и оштетен,
  • Во дворот на училиштето има тврд отпад,
  • Во помошниот објект – стражарница, исто така е присутен цврст отпад, оштетена дрвенарија и слично.

Со упатеното решение до ООУ Добре Јованоски, се наредува да бидат преземени 5 санитарно-технички, санитарно-хигиенски и противепидемски мерки за заштита на населението од заразни болести.

Државниот просветен инспекторат постапува еден месец подоцна и според нивниот увид, условите за одвивање на наставата се на задоволително ниво, укажувајќи на фактот дека од Советот на родители, уште во септември 2017 година е поднесено барање до Општина Прилеп за поставување на сообраќајни знаци околу оваа зграда, но одговор сè уште не е добиен.

Заклучокот во самиот одговор на крајот укажува дека овој простор е безбеден за учениците, а истовремено се потенцира дека не постои обележување на патот и на училишната зграда, односно уредување на сообраќајот во околината околу зградата т.е. нема обележан пешачки премин, ниту има каков било знак дека се работи за воспитно-образовна установа, иако самиот објект е лоциран на раскрсница на главна улица во центарот на градот.

Паралелно од особена важност е фактот што за истото нема согласност од родителите односно, децата се запишуваат во училиштето „Добре Јованоски“, каде посетуваат настава во прво и второ одделение, за да потоа продолжат со своето образование во „военото училиште“ во трето и четврто одделение, и во петто повторно се враќаат во основната зграда. Единствениот одговор кој го добиваат родителите при нивната реакција е дека нема доволно простор во основната зграда за да се сместат сите ученици, па затоа мора да се прераспределуваат во друг објект.

Објектот се користи во континуитет повеќе од 15 години по основ на привремено склучени Договори.

Иако основното образование е целосно во надлежност на Општина Прилеп, од нив не се доби никаков официјален одговор или реакција.

Случајот за прв пат се презентираше на седмиот по ред јавен настан во рамките на активноста „Ромски Граѓански Парламент“ на ден 06.06.2018 година, кога беа испратени јасни пораки до надлежните институции да преземат мерки во насока на наоѓање трајно решение за овој проблем.

На ден 11.06.2018 година од училиштето ги демантираа наводите на РОМА С.О.С. при што истакнаа дека истите се тенденциозни и невистинити и дека причина за двете несреќи е невнимание на самите ученици.

Директорка на ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп, Сузана Дарковска: „Точно е дека минатата година и годинава се случија два несреќни случаи со ученици, но тие не се поврзани со квалитетот на изградбата на објектот. Првата несреќа се случила во мај лани, кога ученик за време на одморот паднал на скалите и се здобил со скршеници, а втората е од јануари годинава, кога третооделенец пред почетокот на наставата, се качил на оградата висока два метра и паднал од надворешната страна на училишниот двор и се повредил. Во објектот постојано има интервенции за подобрување на условите. Дел се реализирани лани, а дел годинава по укажувањето на санитарниот инспекторат, откако РОМА С.О.С. за несреќите поднесе претставка до надлежните институции. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши увид во училиштето, дадени се одредени насоки, тие се извршени. Државниот просветен инспекторат констатираше дека училштето презело повеќе активности за подобрување на условите за работа, што е на задоволително ниво, така што не постојат опасности за учениците, односно просторот во зградата и дворот се безбедни за учениците.“

По основ на допрен глас и Народниот Правобранител покрена постапка и притоа беа остварени поединечни средби со претставници на училиштето како и со нашето здружение на која истакнавме дека е добро што училиштето презело мерки за санација на недостатоците по поднесената претставка, но тоа не е решение за безбедна и квалитетна настава и како здружение бараме обејктот да се затвори, а учениците да се префрлат во главната училишна зграда. Имено, подобрувањето на хигиената не е трајно решение затоа што објектот не е училиште туку Центар за воена обука.

На ден 02.07.2018 година испратен е официјален одговор по однос на претставката од страна на ООУ „Добре Јованоски“ Прилеп до нашето здружение, во кој се презентирани сите превземени мерки како резултат на нашата Претставка и Реакција, како и од инспекциските надзори:

  • Во санитарните јазли се поставени средства за лична хигиена на учениците (течен сапун и тоалетна хартија).
  • Училишниот простор во училишната зграда е целосно исчистен и дезинфициран со средство за дезинфекција, а исто така и сите непотребни предмети кои беа затекнати во училишната зграда се отстранети.
  • Училишниот двор е исчистен од непотребниот тврд отпад. Отстранети се затекнатите гранки, тули и стакло, а исто така отстранети се и недосечените дрвени бандери во училишниот двор. Металните капаци на подземните шахти се обезбедени со катанец. Во помошниот објект-стражарница (кој не е во функција) поставена е дрвена врата со што на учениците им е оневозможен влез во истиот.
  • Во училишната зграда е спроведена вода за пиење и поставена е чешма и умивалнник во ходникот во училиштето.
  • До Градоначалникот на Општина Прилеп доставивме барање за обезбедување на нов училишен инвентар, а исто така и за промена на дрвената дограма и подот во училишната зграда.
  • Во санитарните јазли е спроведено осветлување со светилки со сензор за уклучување на истите.
  • Училишниот простор во училишната зграда се чисти и се дезинфицира со средство за дезинфекција.
  • До комисијата за поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација при Општина Прилеп доставивме барање за поставување на сообраќајни знаци и лежечки препреки за намалување на брзината на возилата околу објектот на ЦВО ,,Лазо Филипоски –Лавски’’Прилеп. 

Во одговорот беше истакнато и дека Наставничкиот Совет донел одлука дека поради недостиг на училници за наредната учебна 2018/2019 година повторно ќе се изведува настава во ЦВО „Лазо Филипоски-Лавски“, а Советот на родители на училиштето дал едногласна согласност за оваа одлука.