27.07.2017

20374373_1518384421549534_8269128266452374939_n35 лица од Ромскиот Граѓански Парламент денес одржаа јавна дискусија на тема „…и Ромите сакаат чиста и уредена река…“ и истата беше реализирана во присуство на Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, Самка Ибраимоски. На дискусијата присуствуваа и претставници на прилепската Локална самоуправа како и „Хабитат Македонија“.

Јавната дискусија произлезе после спроведеното истражување и широката консултација со сите релевантни страни во текот на 2016 година, при што беа идентификувани најголемите проблеми со кои се соочуваат Ромите од прилепската населба „Тризла 2“.

Истражувањето покажа дека врвен приоритет за ромската заедница е уредување на речното корито на улицата „Дабнички завој“. Изминатите неколку години забележани се повеќе несреќни случаи на деца до 6 годишна возраст кои завршиле со трагичен исход. Истовремено, забележано е континуирано фрлање на отпад во речното корито заради што во поголемиот дел од годината тоа е претворено во дива депонија, што пак е директна причина за честа појава на заразни болести и епидемии.

Решението за проблемот се гледа во поставување заштитна ѕидана ограда околу речното корито, поставување контејнери прицврстени на оградата и чистење на отпадот. Со тоа, сметаат учесниците на јавната трибина, ќе се намали ризикот од несреќни случаи меѓу децата и значително ќе се подобри и еколошката и општата слика на овој дел од градот, а значително ќе се подобри и здравјето на жителите на населбата.

20429947_1518384558216187_3844916790518505959_nЗа таа цел, организаторите и учесниците на јавната дискусија побараа Општина Прилеп и ЈКП „Комуналец“ во соработка со министерот Самка Ибраимоски, кој е и национален координатор на Стратегијата за Роми на РМ, да подготват нов градежен проект, да изготват буџет и да алоцираат средства за реализација на проектот. Паралелно со овој проект, неопходно е да биде асфалтирана улицата „Дабнички завој“. Дополнително беше посочено дека има потреба од ангажирање на две лица кои континуирано ќе вршат надзор околу одржувањето на хигиената во околината.

Сето ова беше ставено на хартија и во форма на „Барање за постапување“ беше потпишано од присутните. Барањето официјално беше доставено до министерот Ибраимоски, градоначалникот Марјан Ристески и до ЈКП „Комуналец“, веднаш по завршувањето на настанот. Организаторите на јавната дискусија очекуваат да добијат институционален одговор и координирано постапување, за што засегнатите страни покажаа отворен интерес и волја.