09.07.2015, хотел Кристал Палас – Прилеп

javna_diskusija

Дискусијата беше дел од истоимениот проект кој ќе се имплементира до декември 2015 година, финансиски поддржан од канцеларијата на УНИЦЕФ-Скопје, а во партнерство со Центар за развој на ромската заедница “Баирска светлина” од Битола и Центар за регионални истаржувања и соработка “Студиорум” од Скопје.

Целта на дискусијата беше да се воспостави првична соработка со надлежните институции/установи/ромска заедница за прашањето на локално ниво, и притоа да се запознае јавноста со претстојното истражување односно подготовката на Студија на случај која ќе се користи како алатка за застапување на следните тези:

  • Детските бракови се уште не се доволно посочени како проблем и на нив често се гледа како дел од традицијата на Ромите односно културна карактеристика што треба да се почитува, одржува и премолчи.
  • Во отсуство на посебни институционални обврски за спречување на овие случаи, практиката покажува дека бројот на бракови кај Ромите е постојано висок и во споредба со другите заедници драстично повисок.
  • Постоењето на вонбрачни заедници помеѓу и со малолетници придонесува за девојчињата да го напуштат образовниот процес, а со тоа се зајакнува и родовата нееднаквост.

На дискусијата присуствуваа двајца претставници од канцеларијата на УНИЦЕФ-Скопје, заменик Народниот правобранител од Битола како и државниот советник од истата канцеларија, психолог од СОУ Кузман Јосифоски Питу – Прилеп, главна сестра на Гинеколошко одделение при ЈЗУ Општа болница – Прилеп, двајца професори од СОУ Ѓорче Петров Прилеп, професор од СОУ Ристе Ристески Ричко-Прилеп, две професорки од СОУ Гимназија Мирче Ацев – Прилеп, патронажна сестра од Здравствен дом-Прилеп, две инспекторки од Оддел за малолетничка деликвенција и семејно насилство при МВР–ПС-Прилеп, раководител на одделот “Брачно советувалиште” при ЈУМ ЦСР-Прилеп, извршниот директор и еден соработник од Центар за развој на ромската заедница “Баирска светлина” – Битола, 9 жители од ромската заедница од општина Прилеп, 5 члениот тим на РОМА С.О.С., еден новинар од радио Канал 77 и една новинарка од весникот Зенит.

Како говорници беа:

  1. Несиме Салиоска, извршен директор на здружението РОМА С.О.С. Прилеп која што даде свое воведно обраќање, ги претстави присутните, проектот и целта на активноста како и начелно го претстави проблемот и ставот на партнерите во однос на детските бракови. Салиоска потоа ја имаше улогата на модератор во текот на дискусијата.
  1. Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ-Скопје која што ја претстави улогата на УНИЦЕФ во Македонија и конкретно во однос на проектот, притоа ги образложи податоците од МИКС 2011 и потребата од координаирана соработка на прашањето кое е приоритетно за УНИЦЕФ во наредниот период заради евидентиот број на разлики во бројките помеѓу различните етнички заедници, нагласувајќи ја значајната улога на локалните ромски организации и препораките на ОН комитетот за правата на децата.
  1. Марина Кондоска, правник во здружението РОМА С.О.С. Прилеп, која што говореше на тема “Поглед на детските бракови во Ромската заедница” односно ја претстави правната анализа на РОМА С.О.С. за законските пропусти и неусогласеност во контекст на детската заштита и притоа ги постави прашањата за дискусија.
  1. Ремзи Медик, извршен директор на здружението Центар за развој на ромската заедница “Баирска Светлина” – Битола кој што говореше за состојбата во општина Битола и притоа презентираше примери од пракса.

Заклучоците и препораките алудираа на потребата од превземање координирана акција во насока на законски усогласувања и постапување на институциите, како и интензивна едукативна кампања во ромските средини.

ПРОЕКТОТ Е ИНИЦИРАН НА БАЗА НА СЛЕДНИТЕ ПОДАТОЦИ И СОСТОЈБИ:

ШТО Е ДЕТСКИ БРАК?

  • Детските бракови се бракови кои се формирани пред стекнување полнолетство, а возрасната граница во согласност со законите на Република Македонија е полни 18 години.
  • Според Кривичниот законик, детските бракови се забранети, а живеењето во вонбрачна заедница со и помеѓу малолетни лица се смета за кривично дело односно претставува повреда на правата на децата.

ШТО Е ЗАБЕЛЕЖАНО ВО ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА И ПОСТАПУВАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ?

  • Законот за семејство им дава можност на лицата помлади од 18 години да стапат во брак со согласност од родителите. Што се однесува до условите за склучување на брак, дозвола за склучување на брак на лице кое наполнило 16 години може да даде Надлежниот суд во вонпроцесна постапка доколку утврди дека лицето има достигнато физичка и ментална зрелост потребна за извршување на правата и должностите во бракот. Судот донесува одлука по разгледување на мислење дадено од страна на здравствена установа и стручна помош од Центарот за социјална работа.
  • Законски надлежните тела се ограничени во дејствијата за случаи кога детето со полни 16 години формирало вонбрачна заедница без согласност на родителите, бидејќи според домашната регулатива истото лице има стекнато деловна способност како постар малолетник и може да живее надвор од неговиот/нејзиниот дом со друго лице.
  • Вонбрачни заедници се склучуваат помеѓу и со лица на возраст од 14-16 години и притоа може да бидат со или без согласност на родителите, па дури и со или без своја согласност. Домашното законодавство ги категоризира овие лица во група на помлади малолетници без посебни права и одговорности, а институциите се должни кривично да ги гонат одговорните возрасни лица.
  • Во Република Македонија и основното и средното образование се задолжителни и редовното образование завршува во просек на 18 години. Родителот ја сноси одговорноста за не-посетување на настава од страна на детето кое одлучило да живее во вонбрачна заедница со друго лице, иако не е согласен со таквото постапување и бара институционална заштита на неговите права како родител.
  • Не сите релевантни институции ги третираат вонбрачните заедници како детски бракови или повреда на правата на децата, или дејствуваат во случаи кога истите се идентификувани на терен, ниту пак водат евиденција за бројот на вакви случаи.

ВЛИЈАНИЕТО ПРИ ОСТАВРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ЗДРАВЈЕ, ОБРАЗОВАНИЕ И РОДОВА ЕДНАКВОСТ

  • Сексуалната активност на многу рана возраст го попречува развојот на гениталните органи, може да предизвика сексуално преносливи болести како и рана бременост. Покрај тоа, се поставува прашањето за нивната подготвеност да едуцираат и воспитуваат идни генерации, како и нивниот личен психолошки развој бидејќи со склучувањето на брак на рана возраст лицата се подложни на неочекувани стресни ситуации.
  • Закана за правото на образование на малолетникот. Ако некое лице склучи брак пред 18 години, се поставува прашањето за можноста на лицето да го заврши образованието, а истовремено да посвети време на новоформираното семејство и исполнување на брачните и родителски должности. Ова директно влијае на способноста да се обезбеди економска стабилност на партнерите, како и на децата што ќе се одгледуваат во тоа семејство.
  • Малолетниот партнер во детските бракови речиси секогаш е од женски пол, што ја потврдува и продлабочува родовата нееднаквост, сиромаштијата и ниското ниво на образование кај жените, а често резултира и со семејно насилство.

 ПРАШАЊЕТО ВО КОНТЕКСТ НА РОМСКАТА ЗАЕДНИЦА

  • Податоците добиени со Мултииндикаторско кластерското истражување од 2011 година (MICS) покажуваат дека детските бракови се актуелен проблем во Р. Македонија и притоа постојат големи разлики кај различните етнички заедници во категоријата девојчиња на возраст од 15 до 19 години кои се во брак или живеат во заедница односно додека националната стапка изнесува 4%, кај Македонците е 2%, кај Албанците е 6%, а кај Ромите е 22%.
  • Во однос на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или моментално се бремени, националната стапка беше 3%, додека кај Ромите оваа стапка е 18%. Покрај тоа, во однос на сиромаштијата, националниот просек на испитаниците е 5% и 25% за Ромите, а во однос на основното образование, националниот просек е 12%, а кај жените Ромки 24%.
  • Во периодот од јануари-јуни 2015 година, неофицијално во општина Прилеп забележани се повеќе од 20 формирани вонбрачни заедници во ромската заедница помеѓу и со малолетни лица.

НА ШТО УПАТУВА ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА РЕГУЛАТИВА?

Комитетот на ОН, разгледувајќи го прогресот при имплементација на Конвенцијата за правата на децата од страна а РМ, истакнува дека „минималната законска возраст за брак е 18 години и притоа ја советува државата на следното:

  • Раните и присилни бракови да ги прогласи за ескплицитно противзаконски, а одговорните за тие дела да се казнат;
  • Да го имплементира постојното законодавство и да обезбеди дека браковите на деца под 18 ќе се дозволат само во исклучителни случаи со судски налог и само кога тоа е во најдобар интерес на детето;
  • Да спроведе истражувања со цел да се процени бројот на деца кои се под влијание на раните и присилни бракови, вклучувајќи ги и традиционалните бракови кои не се регистрирани кај надлежните органи, да развие конкретни мерки за намалување и искоренување на оваа практика;
  • Да обезбеди обука и поддршка за професионалците кои работат со семејствата и децата со цел да им се помогне на оние кои се во опасност од рани и присилни бракови, да работи со засегнатите заедници и да се спроведат кампањи за намалување на негативните ефекти од раните и присилните бракови, особено за правата и развојот на девојчињата.

ШТО ПЛАНИРАМЕ?

Со оглед на тоа дека ова е мулти-секторски проблем, потребен е мултидисциплинарен пристап во преземањето активности за истот да се надмине, вклучувајќи ги и сите партнери кои имаат улога и одговорност во дејствувањето, особено поради тоа што не постојат специфични и опсежни податоци во врска со ситуацијата.

Веруваме дека подготовка на Студија на случај која ќе ја претстави анализата на постоечките домашни и меѓународни политики, како и квалитетот/квантитетот на податоци од терен, ќе овозможи идентификување на потенцијални решенија за натамошните застапувања.

Предложената методологија и активности се темелат на пристапот заснован на човековите права кој вклучува остварување на широка соработка со сите релевантни институции и ромската заедница на локално ниво, како и спроведување на истражување за детална анализа на факторите што придонесуваат кон ова прашање во периодот Јуни-Декември 2015 година.

Изворите на податоците и собирањето на податоци вклучуваат: користење на расположливите правни механизми (Закон за слободен пристап до информации од јавен интерес) како начин да се соберат официјални податоци од релевантните институции, преглед на јавните политики со фокус на законската регулатива и нивниот меѓусебен однос, како и документирање на податоци од интервјуа  и дискусии со релевантните чинители (лица) во однос на практиките, акциите и случаите.

Фото албум од овој настан можете да видите на овој линк.