15.07.2016

DSC00397На координативна средба, партнерите го разгледуваа напредокот со активностите

Животот во сиромаштија, во изолирани и сегрегирани заедници, како и социјалните детерминанти за сиромаштија предизвикуваат голема социјална разлика помеѓу Ромите и не Ромите во сите области од секојдневниот живот.

Покрај тоа, истото е поткрепено и со стереотипи и предрасуди кои постојат во општеството генерално за Ромите, а особено забележителни се во областа на здравствената заштита.

Следниве изјави се забележани од страна на здравствените работници во случаи кога на Ромите не им се даваат здравствени услуги, а се идентификувани од здруженијата кои работат со Ромите и го следат нивното здравје:

  • Ромите се без здравствена култура,
  • Ромите не се навремено вакцинирани,
  • Ромките раѓаат премногу деца, и општо познато е помеѓу тие жени дека се породуваат дома во случај кога немаат здравствено осигурување,
  • кога посетуваат лекари, Ромите треба да се бањаат и да се грижат за својата лична хигиена.
  • Ромите користат лекови на своја иницијатива,
  • кога децата им се болни, Ромите посетуваат верски исцелители,
  • јас немам повеќе идеи како да им објаснам кои документи им се потребни.

Дополнително, дел од лекарите одбиваат да ги регистрираат Ромите како матични пациенти велејќи дека го достигнале лимитот односно бројот на пациенти.

До моментов, никој не се обидел да го разбери или да ја опише основата за овој проблем како и да размисли за причините т.е зошто е тоа така. Ако размислиме за сите овие негативни ставови кон Ромите и нивниот начин на живот, ќе се запрашаме самите себе си дали културните разлики влијаат на овие мислења.

Ваквите негативни ставови, одбивање и мислења создаваат повеќекратна дискриминација во здравствениот систем која резултира со ниско ниво на квалитетни здравствени услуги, бирократски одбивања при пристап до здравствено осигурување и здравствена заштита кои доведуваат до исклученост на Ромите.

Од тие причини, РОМА С.О.С во партнерство со три здруженија ЛИЛ од Скопје, СОНЦЕ од Тетово и РОМАНО АВАЗИ од Скопје презеде иницијатива за менување на негативните мислења, ставови и однесување на здравствените работници кон Ромите. Преку преземање на креативни и иновативни истражувачки и теренски активности, здруженијата имаат за цел да се обезбеди ефикасен пристап на Ромите до примарна здравствена заштита, истовремено почитувајќи ги различностите и правата, како и потребата од активно учество во здравствениот систем кој треба да биде отворен за сите.

Oпштините Прилеп, Тетово, Ѓорче Петров-Карпош и Топаана-Центар се опфатени со проектот, а во периодот до јуни месец е спроведено истражување помеѓу гинеколози, општи лекари и стоматолози, како и помеѓу ромските заедници при што се реализирани следните активности:

  • 43 пре-тестови со лекари,
  • 22 длабинско интервју со лекари,
  • 8 фокус групи во ромските заедници на кои присуствуваа вкупно 96 Роми,
  • 10 приказни од лично искуство на пациенти Роми се документираа за нивниот третман во здравствените установи.

Сумирање на резултатите во еден Извештај со клучни наоди е следниот чекор преку кој ќе се создадат можности за реализирање на паралелни и комплементарни теренски активности и со здравствените работници и со ромските заедници за разгледување и надминување на идентификуваните клучни фактори.

Проектот е поддржан од ФООМ преку Media and Health Програмата од Њујорк (ИОО) а се реализира во перидот од јануари до декември 2015.

DSC00395   DSC00398