11.05.2017, Прилеп

Nastan, 11.05.2017

………….

.

.

Денес се одржа настан за презентација на приоритетните проблеми од областа на домувањето во ромската населба „Тризла”, врз основа на спроведено истражување и широка консултација со сите релевантни страни.

Настанот се реализираше во партнерство помеѓу здружението РОМА С.О.С, Хабитат Македонија [1] и Национален Демократски Институт [2], а го проследија Градоначалник и претставници на локалната самоуправа, јавни претпријатија, здруженија, советници од различни политички партии, релевантни локални институции и ромско население.

Вовед. Прилеп е втора Општина во Македонија по бројност на ромско население, а локално сочинуваат 6.0% од вкупниот број на жители според официјалната статистика. Сепак неофицијално бројот надминува 8.000 Роми.

Населба. Во „Тризла“, која е лоцирана на периферниот дел од градот, речиси 90% од населението се Роми. Населбата е поделена  на 4 области, според локалните жители, со свои посебни делови: Ново Село, Дабничка (со Три Багреми), Мексико (со Дебарца) и Дебој.

Кои се идентификуваните проблеми?

1. Делови надвор од ГУП и ДУП. Три Багреми и дел од Дебарца не се вклучени во градежната зона поради што жителите се соочуваат со низа предизвици во пристапот до сите јавни услуги.

2. Легализација. Наскоро најголем број од домовите во “Тризла” ќе бидат легализирани. Но, има дел од домовите чиишто статус сеуште не е регулиран од причина што куќите се изградени надвор од градежната зона односно се наоѓаат во Три Багреми и Дебарца.

3. Влага во домовите. Домовите изградени во повисоките карпести делови се соочуваат со влага и оштетување на ѕидовите, а посебно поради природните влијанија. Пред се, тоа се куќите кои се наоѓаат покрај каналот за атмосферска канализација во Дебарца.

4. Електрична енергија. Дабничка се соочува со најголеми пречки во однос на приклучокот до електричната мрежа, како последица на тоа што Три Багреми нема соодветен и легален пристап до мрежата, а жителите од цела област пристапуваат до струја преку иста трафостаница.

5. Улично осветлување. Распоредот и брзината со кои се поставуваат или заменуваат улични светилки и електрични столбови низ населбата е несодветно и ненавремено поради што движењето во ноќните часови е отежнато.

6. Хигиена. Собирањето на отпад генерално е незадоволително од причина што нема поставени улични контејнери низ населбата. Еднаш неделно ЈКП „Комуналец“ го презема отпадот од домовите, а семејствата не се во можност да обезбедат канти за селектирање на отпад што се доделуваат бидејќи истите не се бесплатни.

7. Безбедност и здравје на жителите.

-Нерегулиран сообраќај. Движењето на пешаците е во опасност поради зголемениот број на несовесни возачи на моторни возила, без соодветна документација и возраст. Паралелно оваа состојба се влошува и поради отсуството на обележани пешачки премини, како и немањето тротоари односно узурпацијата на постоечките од локалните жители/фирми.

DSC_0366-Неуредено речно корито на улица „Дабнички завој”. Изминативе години забележани се смртни случаи и повреди на деца кои живеат покрај речното корито. Забележано е континуирано генерирање на отпад во коритото кое преминува во депонија, а низ различни периоди од годината се појавуваат епидемии од заразни болести кај околните жители.

-Неконтролирана узурпација на улиците. Целата населба последнава година се претвори во “плац” за растурање на неупотребливи, стари, корозирани моторни возила од страна на поединечни локални жители, со што целото население е директно изложено на бучава, загадување на околината од различни хемикалии, бактериски инфекции, како и блокади при одвивање на сообраќајот.

Кои се препорачаните решенија?

⇒ Да се „дегетоизира” населбата “Тризла” односно да се инвестира во градба на станбени згради или индивидуални објекти за живеење на ромските семејства во ризик во предели каде општината има создадено услови за домување и пристап до јавни услуги (или надвор од населбата).

⇒ Да се постават јавни контејнери низ населбата, со приоритет на главните улици, со што ќе се овозможи подобра општа хигиена за жителите.

⇒ Да се реконструира и доуреди обиколниот канал за атмосферска канализација кај Дебарца и да се превземат мерки за заштита на околните домови од влага.

⇒ Да се утврди потребата од замена на уличните светилки низ населбата и пропорционално да се постават електрични столбови за да се овозможи нормално и безбедно движење на жителите во ноќните часови.

⇒ Да се постават вештачки испакнатини („легнат полицаец”) и сообраќајни знаци за известување на главните улици, како и да се обележат пешачки премини за движење низ населбата.

⇒ Да се подготви План за координирани редовни контроли и теренски акции во населбата од страна на Полициска станица-Прилеп, во соработка со јавните претпријатија и ЕЛС, како и да се превземат неодложни мерки за отстранување на пречките од тротоарите и улиците со кои се узурпира јавниот простор или претставуваат ризик за здравјето и безбедноста на жителите.

⇒ Да се постави ограда за заштита околу речното корито на улица „Дабнички завој“, да се исчисти отпадот од коритото и да се постават јавни контејнери покрај оградата. Асфалтирање на истата улица да биде составен дел на решението.

.

Заедничка заложба е потребна за да се овозможи: подобра општа слика за градот, подобро здравје за населението, еколошки подобра животна средина и побезбедна околина ЗА СИТЕ ГРАЃАНИ.

.


[1] Промоција на Почетна студија за домувањето – резултат од проектот “Правата на домување кај Ромите за одржлив урбан развој”, финансиран од Европската Унија, имплементиран од Хабитат Македонија во соработка со здруженијата РОМА С.О.С од Прилеп, Черења од Штип и Сумнал од Скопје. http://romasosprilep.org/wp-content/uploads/2017/05/Pocetna-studija-za-domuvanje-Prilep.pdf

[2] Презентација на Општински профил – резултат од проектот “Зајакнување на учеството на Ромите во демократскиот процес”, спроведуван од Националниот Демократски Институт (НДИ) во соработка со здружението РОМА С.О.С., финансиран од Национална фондација за демократија (НЕД), при што се опфатени вкпуно 8 општини.