08.03.2017, Прилеп

24Во склоп на Кампањата за актуелизација на Детските бракови, поддржана од УНИЦЕФ, беше реализиран едукативен настан со цел дружење со жените Ромки и дискусија за меѓу-генерациската дискриминација. Истото е дефинирано како пречка за младите девојки соодветно да го разберат бракот и да донесат зрели одлуки кои ќе им овозможат соодветна интеграција во општеството.

Настанот се одржа во вечерните часови и во присуство на 150 девојки и жени од ромската заедница (мајки, свекрви, ќерки, снаи). Истиот се состоеше од два дела: предавање за причините и штетните последици од детските бракови, како и предавање за планирањето на семејство како начин за зачувување на репродуктивното здравје кај младите девојки.

Неформален (забавен) дел се одвиваше паралелно со цел да се прослави историската заложба насочена кон родовата рамноправност. Како гест за внимание, градоначалникот на Општина Прилеп – Марјан Ристески ги поздрави присутните жени подарувајќи им каранфили.

Од дискусијата беа извлечени следните заклучоци и препораки:

  • Ако мајката имала тежок живот и се омажила рано, ќерката не мора истото да го направи оти “таков е редот”. Ред е да се разбере дека девојките до 18 години се деца!
  • Ако свекрвата била малтретирана како невеста, не мора да ја малтретира и сопругата на синот оти “така требало да биде”. Треба свекрвата да ја заштити невестата бидејќи и таа е жена!
  • Ако девојката се омажила рано, не мора веднаш да забремени, да раѓа деца неконтролирано и да го напушти образованието. Треба да продолжи да вложува во себеси до постигнување на услови за зрел живот!
  • Ако невестата сака да се заштити од абортуси, не мора свекрвата да ја плаши со “медицински совети” за кои и таа самата не знае што значат. Треба да се слушаат препораките на лекарите кои најдобро знаат како се развива и реагира организмот!

 


.8mi mart 2017-mk

Пораката која последователно беше испратена е следната:

Да им овозможиме на младите девојки да сфатат дека освен животната цел – да се омажат, постојат и други цели на кои што треба да мислат, а тоа е образование, вработување, добро здравје и не-насилство!

                                    .    


.

Фотографии од настанот на следниот линк

Видео од воведен говор на следниот линк