Здравствената состојба на Ромите покажува одредени специфики кои се разликуваат од генералната национална слика за здравствената состојба во Македонија. Имено, според истражувањата на УНДП  27% од мажите Роми и 31% од жените Ромки страдаат од хронични заболувања (во споредба со 23% од не-Ромите кои живеат во непосредна близина на Ромите).

Лошите услови за живот, тешката физичка работа и недоволно чистата животна околина во комбинација со слабата исхрана придонесуваат за лошата здравствена состојба на Ромите. Сите овие фактори го прават пократок животниот век на Ромите во споредба со не-Ромите. Дополнително, невработеноста и слабата економска ситуација, субстандардните услови за живеење во мали домови несоодветни за бројот на луѓе кои живеат во нив, значително влијае врз здравјето на Ромите. Од друга страна, нееднаквиот третман од страна на дел од медицинскиот персонал претставува препрека за редовни и навремени здравствени прегледи на Ромите.

Според препораките кои доаѓаат од Стратегијата за Ромите и Здравствениот Акционен План – Декада за вклучување на Ромите, превентивната здравствена заштита и институционалната соработка меѓу релевантните институции и Локалната Самоуправа во постојана соработка и консултации со Ромската заедница, претставува примарна акција што може да овозможи подобрување на здравствената состојба на Ромите. Отворање на Здравствени Советувалишта во секоја ромска заедница каде би била овозможена превентивна и здравствена едукација и култура, паралелено со овозможување на бесплатни основни здравствени услуги, е гледано како најефективна иницијатива со која би се постигнало подобрување на здравствената состојба на Ромите. Искажаното е во релација со фактот што превенцијата е најефикасен и најефтин начин за одржување на здравствената состојба на популацијата, секако проследено со едукативни активности.

Ситуацијата со здравствената состојба на Ромите во Прилеп е во иста линија со националната состојба или можеби полоша поради недоволно развиениот сектор на претставници кои го промовираат здравството на локално ниво, паралелно со централното управување на здравствениот систем во Македонија што оневозможува конкретно и директно разрешување на препреките со кои се соочуваат пациентите.

Здружението РОМА С.О.С. од Прилеп во Декември 2007 година ја покрена иницијативата Здравствено Советувалиште чија основна цел е подобрување на   здравствената состојба на Ромите од општина Прилеп преку актуелизирање  на препреките во пристапот до здравствениот систем.

Во рамките на оваа инцијатива  директна соработка беше воспоставена со следните локални институции:

– Локална Самоуправа – Прилеп

– Ј.З.У.Општа Болница “Борка Талески” – Прилеп

– Ј.У.М.Центар за социјални работи – Прилеп

– Центар за вработување – Прилеп

– Фонд за здравствено осигурување – подрачна служба Прилеп

– Ј.З.У.Здравствен Дом – Прилеп

– Ј.З.У.Центар за јавно здравје – Прилеп.

Успешната реализација на предвидената програма и активности на иницијативата резултираше со подготовка на Локален Акционен План за Здравјето на Ромите (во периодот Февруари – Септември 2009), документ каде се сумирани сите утврдени препреки и потреби на ромската заедница од општина Прилеп и предложени активности за нивно надминување.

Локална Самоуправа – Прилеп со усвојувањето на овој документ ја превзема обврската за имплементација на локална јавна политика според која сеопфатно и концизно ќе биде таргетирана здравствената состојба на граѓаните Роми при што ќе се овозможат услови за нивна подобра интеграција во општествените процеси.  Иницијативата e дел од заложбите за имплементација на Декадата за вклучување на Ромите и поддршка на владините мерки за затворање на јазот што постои помеѓу ромската и не-ромската популација во Република Македонија.

Превземи целосен документ

Заклучок од локална самоуправа